Откако бројот на заразени со новиот коронавирус во САД надмина три милиони луѓе, и регистриран е втор дневен рекорд на повеќе од 60.000 заразени, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека неговата земја е во „добра позиција“ и призна дека „не ги слуша неговите експерти“ пишува Гардијан.

Тој исто така јавно го критикуваше докторот Ентони Фаучи, највлијателниот експерт во штабот на Белата куќа за борба против коронавирусот, кој на почетокот од неделава рече дека САД се „заглавени во првиот бран“ на пандемијата.

САД имаат најголем број смртни случаи на коронавирус во светот – над 130.000 жртви.

– Не се согласувам со него. Знаете, доктор Фаучи рече дека„ не носете маски“ и сега повикува да ги носиме. И вие знаете, тој кажа многу работи: Не ja затворајте Кина, не ja забранувајте Кина. И јас сепак го направив тоа. Не ги послушав моите експерти и ја забранив Кина, рече Трамп во интервјуто за Греј ТВ кое ќе биде емитувано во недела.

На почетокот на кризата, Фаучи редовно ја известуваше американската јавност за состојбата со коронавирусот, но поради тензиите со Трамп, експертот престана да се појавува во медиумите.

Повеќето високи функционери на републиканците и службеници советуваат да се носат маски. Но, Трамп одбива да носи маска на јавни места и ги советува Американците да го прават истото.

Голем број јужни држави регистрираа рекордно зголемување на бројот на заразени со коронавирусот во последните неколку недели од олеснувањето на мерките кон крајот на мај.

Сепак, Трамп вели дека во следните две до четири недели „мисли дека САД ќе бидат во многу добра форма“. Тој претходно неколку пати рече дека вирусот едноставно ќе исчезне и оти 99 проценти од случаите не се опасни.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2020 11:35