Германија минатата година забележа значително зголемување на активностите на десничарските екстремисти, откако безбедносните агенции во таа група вклучија илјадници членови на најголемата крајно десничарска партија во земјата.
Според проценките во годишниот извештај за екстремизмот во Германија, кој беше објавен денеска, минатата година во Германија имало 32.080 екстремисти, што е речиси 8000 повеќе отколку во 2018 година, кога имало 24.100.
Во извештајот, објавен од германската разузнавачка агенција БфВ, првпат се опфатени околу 7.000 припадници на младинската организација на „Алтернатива за Германија“ и радикалната фракција позната како Крило. И двете организации се под засилен надзор на БфВ поради екстремистичките тенденции.
„(Крајно десничарскиот екстремизам) е најголемиот безбедносен и политички предизвик во нашата земја“, изјави министерот за внатрешни работи Хoрст Зехофер пред новинарите при презентацијата на извештајот во Берлин.
Во извештајот се вели дека бројот на крајно левичарски екстремисти се зголемил за 1.500 на 33.500 минатата година, но повеќе од две третини се означени како „ненасилничко ориентирани“.
Исто така се наведува дека 28.020 луѓе во Германија имаат тенденции кон исламски екстремизам, додека во 2018 година имало 26.560.