Во последните 24 часа, 1.464 лица во Израел се новозаразени, што е најголемо дневно зголемување на потврдени случаи на Ковид-19 од почетокот на пандемијата, јавуваат израелските медиуми.

Во земјата во моментов има 16.651 активни случаи, од кои 129 се во сериозна состојба и 39 на респиратори. Бројот на смртни случаи достигна вкупно 350.

Во обид да се запре ширењето на заразата од денеска попладне до следниот петок, неколку населби во Ерусалим и градовите Рамла, Беит Шемеш и Кирјат Малахи ќе бидат делумно затворени.

Влезовите во овие градови ќе бидат дозволени заради давање основна медицинска помош, правни процеси и за деца чии родители живеат одделно, а деловната активност исто така ќе биде ограничена.

Министерот за здравство на Израел, Јули Еделштајн на затворен состанок рече дека може да се воведе општа изолација во случај бројот на потврдени случаи на заразени со вирусот да достигне до 2.000 дневно.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека Владата премногу брзо отворила некои делови од економијата, што доведе до повторно ширење на вирусот низ целата земја.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/07/2020 12:40