Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе обвинителен акт против скопјанец за недозолено поседување оружје и муниција, откако на 12 јуни при претрес на неговото возило е пронајдена автоматска пушка, пиштол и повеќе парчиња муниција за кои не поседувал дозвола.

– Осомничениот, на 12 јуни, на паркинг на улицата „Методија Андонов Ченто“ во Скопје, неовластено држел огнено оружје кое на граѓаните им е забрането – автоматска пушка со калибар 7,62Х39 мм и 60 куршуми муниција за ова оружје. Освен ова, тој со себе носел и друго огнено оружје за кое не поседувал дозвола – пиштол марка Смит Весон со калибар 9 мм и 15 куршуми за тој пиштол. Оружјето и муницијата биле пронајдени при личен преглед на осомничениот и при претрес на неговиот автомобил, на десното совозачко седиште, се вели во соопштението од ОЈО.

Со поднесеното обвинение, јавниот обвинител му предложи на Судот на обвинетиот да му ја продолжи определената мерка притвор, бидејќи постои опасност од бегство на обвинетиот и можност тој да го повтори делото.

Обвинителниот акт е за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и трговија со оружје или распрскувачки материи“ од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/07/2020 15:07