УНЕСКО жали поради одлуката на турските власти за промената на статусот на Света Софија, изјави директорката на Oрганизацијата за oбразование, наука и култура на Обединети нации, Одре Азуле.

Таа истакна дека Света Софија како дел од Истанбул има силна симбиличка, историска и универзална вредност.

Азуле наведе и дека УНЕСКО испрати повеќе писма до турските власти со кои ги повикуваше на дијалог пред да донесат одлука.

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска потпиша декрет со кој Света Софија повторно ќе биде џамија. Тој го потпиша указот откако турскиот Високиот административен суд ја поништи одлуката на Советот на министри од 24 ноември 1934 година за пренамена на Света Софија од џамија во музеј.

Турскиот претседател на Твитер го објави потпишаниот декрет истакнувајќи оти е донесена одлука контролата над џамијата Аја Софија да се предеде на турската верска дирекција и да се овозможи богослужба.

Света Софија беше најголемата христијанска црква, изградена во шести век од Византијците, а во џамија беше претворена по османлиското освојување на Цариград, денешен Истанбул, во 1453 година. Статусот од верски објект во музеј беше променет со указ во 1934 година од тогашниот турски претседател Мустафа Кемал Ататурк.

Света Софија во 1985 година е прогласена за споменик на Светското културно наследство на УНЕСКО.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/07/2020 23:17