Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинение против две лица, на возраст од 19 и 20 години, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „противправно лишување од слобода“.

-Обвинителството ги товари обвинетите соизвршители дека на 3 јули 2020 година противправно ја лишиле од слобода и го ограничиле движењето на оштетената, државјанка на Република Италија. Првообвинетиот кој имал привремен престој во Италија, во државава пристигнал заедно со оштетената, со намера да ја убеди таа да склучи брак со второобвинетиот, негов роднина од Скопје, за да може и тој да замине во Италија. Откако пристигнале, тие ја заклучиле оштетената во стан во Охрид и се одалечиле во непознат правец. Настанот бил пријавен од Амбасадата на Република Италија, по што двајцата обвинети биле пронајдени и лишени од слобода, соопшти Јавното обвинителство.

Поради постоење на опасност од бегство на обвинетите, како и можност да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид заедно со обвинението достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за двајцата обвинети.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/07/2020 16:23