Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против двајца вработени во Полициската станица за Граничен премин Табановце, бидејќи на 1 јуни годинава дозволиле влез во државата на лице без негова евиденција и без приложување на негативен ПЦР тест.

– Пријавената С.М., на 01.06.2020, како одговорен раководен работник во Полициската станица за Граничен премин Табановце, издала наредба на второпријавениот Д.С. да му дозволи влез во РСМ на Ѓ.К. од село Петралинци, општина Босилово, без притоа да го евидентира во системот за контрола на патници и возила и да изврши минимални гранични проверки. На овој начин му овозможила на Ѓ.К. да оствари влез во државата без да приложи валиден негативен ПЦР тест или во спротивно да биде упатен во задолжителен државен карантин, согласно одлуките на Владата со справување со ковид-19, информираат од МВР.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против С.М. и Д.С., поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „повреда на чување на државната граница“ и „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2020 23:54