Од 1 мај до 21 јули полицајците при СВР Тетово изготвиле 2152 прекршочни платни налози за неносење заштита на лицето во возило, согласно владината Уредба со која се регулира оваа обврска. Значаен дел од изречените мерки се и за изминатото деноноќие кога се изречени 50 вакви казни.

– Во изминатите повеќе од два и пол месеци на поширокото тетовско подрачје биле изречени вкупно 172 мерки за прекршоци што ги сториле мотоциклисти, најмногу за управување без возачка дозвола, истечена регистрација на мотоциклите и за некористење на заштитна опрема. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци и тие ќе се соочат со законски предвидените глоби, истакнува Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Тој посочува дека полициските службеници на СВР Тетово-Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај, деновиве, исто така, со зголемен интензитет ќе ја контролираат и брзината на возилата во и надвор од населените места, како и тоа дали возилата ги управуваат лица со положен возачки испит и валидни дозволи за тоа.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/07/2020 14:33