Вкупно 148 возила минатата недела беа подигнати од страна на специјалните пајак возила поради непрописно паркирање на јавните површини, информираат од Град Скопје.

Како што посочуваат градските власти, во текот на минатата недела, од 16 до 22 јули, од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила 27 се отстранети од зонските паркиралишта, а другите 59 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.

Од Град Скопје појаснуваат дека контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 324 возила, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 27 возила се отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.

Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг" апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта. -Апелираме сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка, се наведува во соопштението на Град Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2020 14:20