Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 33-годишен скопјанец, кој на 24 јуни со оп­што­о­пас­но дејс­твие и средс­тво предизвикал значител­на опасност за жи­во­тот и те­ло­то на други три лица.

Поради опасност од криење и бегство на осомничениот до судија на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор.

– Додека оштетените седеле во стан на улица „Никола Грчето“ во Чаир, осомничениот 33-годишник, инаку нивен сосед, дошол на вратата, започнал да тропа и да им се заканува. Потоа тој се симнал во дворот позади зградата и од таму започнал да пука кон прозорците и фасадата на станот на оштетените. За да не бидат повредени тие се скриле во спалната соба и настанот го пријавиле во полиција, се вели во соопштението од ОЈО.

Надлежниот јавен обвинител оцени дека во конкретниот случај постои опасност од криење и бегство на осомничениот, имајќи ја предвид неговата личност, како и особени околности кои го оправдуваат стравувањето дека ќе го повтори кривичнотото дело.

– Притоа јавниот обвинител имаше предвид дека се работи за лице претходно осудувано за различен вид кривични дела, а ја ценеше и неговата настојчивост и агресивност во намерата за извршување на кривичното дело за кое што се води оваа постапка. Од тие причини до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставен е предлог за определување мерка притвор, информираат од ОЈО.

Против лицето постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2020 14:14