Полицијата повторно бележи пријави од граѓани измамени за пари за огревно дрво и за сообраќајни несреќи што не се случиле.

Во Полициската станица Бит-пазар вчера во 18 часот 85-годишна жена од Скопје пријавила дека претходниот ден била измамена од едно лице. Според пријавеното, околу 11.30 часот на телефон и се јавило лицето и се претставило дека е командир на полициска станица.

Како што пријавила таа, лицето и кажало дека нејзината ќерка со возило прегазила девојче кое починало и дека ако сака може да и помогне да не оди во затвор, а за возврат треба да му даде пари.

-Оштетената, според пријавеното, му дала 122.000 денари на лицето кое дошло до нејзината врата, а во 20 часот кога се слушнала со нејзината ќерка заклучила дека била измамена, соопшти МВР во дневниот билтен.

Во Полициската станица Куманово, пак, вчера во 11.50 часот 66-годишен маж од Куманово пријавил дека на 22 јули бил измамен од човек кој дошол во неговиот дом и го прашал дали има потреба од огревно дрво. Се договориле да купи шест кубни метри за цена од 2.900 денари за метар кубен.

Според оштетениот, додека оделе да ги видат дрвата, тој му дал 10.000 денари по што измамникот заминал на друга улица и му кажал да дојде по главниот пат.

-Според пријавата, откако не го нашол камионот и откако никој не донел дрва кај него, сфатил дека бил измамен, соопшти МВР, информирајќи дека ги расчистува случаите.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2020 15:29