Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш вчера изврши увид на регионалниот пат Радовиш-планина Плачковица, каде во сообраќајна несреќа едно лице го загуби животот, информират од ОЈО Радовиш.

Според првичните сознанија, што ги поседува обвинителството до несреќата дошло кога мотор марка Јамаха, управуван од 38-годишно лице, удрил во патничко моторно возило Фолксваген голф со кој управувал возач на возраст од 28 години. Од ударот, моторот излетал надвор од коловозот, во стрмен дол. Со итна медицинска помош моторциклистот веднаш е префрлен во штипската болница, каде им подлегнал на здобиените повреди. Возачот и двајца сопатници во голфот се здобиле со телесни повреди.

Јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување на трагите пронајдени на лице место, а местото е фотографирано и скицирано. Издадена е наредба за обдукција на починатото лице, како и за анализа на примероци од крв и урина од возачот на другото возило. Дополнително, во насока на утврдување на причините за сообраќајната несреќа, по наредба на јавниот обвинител ќе се врши сообраќајно вештачење.​​



Автор: Администратор
Објавено на: 27/07/2020 12:21