Полицијата лишила од слобода три лица осомничени за криумчарење мигранти, а во возилата кои ги управувале вкупно се пронајдени 95 мигранти и тоа од Бангладеш, Пакистан, Авганистан, Сирија и Ирак.

На локален пат кон струмичкото село Три Води, во непосредна близина на „Раборска крстосница“, синоќа во 19.30 часот полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Д.Х. (25) од Велес.

– При контрола на товарно возило „Мерцедес“, со скопски регистарски ознаки, што го управувал Д.Х., биле пронајдени 50 мигранти и тоа 33 од Бангладеш, 15 од Пакистан и две лица од Авганистан. Д.Х. бил приведен и задржан во Полициската станица Струмица, а увид на местото извршиле екипи на Регоналниот центар за гранични работи и СВР Струмица. По целосно документирање на случајот, против возачот ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти денеска МВР.

Синоќа околу 20.00 часот кај место викано „Канда“, на магистрален пат Штип – Радовиш, полициски службеници од Одделот за гранични работи и миграции го лишиле од слобода Р.С. (30) од Скопје, кој управувал патничко возило „Алфа Ромео“, со светиниколски регистарски ознаки, а во кое биле пронајдени шест лица мигранти од Пакистан. Како што стои во соопштението од МВР, при неговото запирање, Р.С. се обидел да го побегне, но бил спречен. По извршен преглед на возилото било утврдено дека регистарските ознаки припаѓаат на патничко возило „Фолксваген“. Р.С. и мигрантите биле предадени на полициски службеници од Полициска станица Свети Николе за понатамошна постапка.

На 27.07.2020 околу 05.00 часот на место викано „Раборска крстосница“, струмичко, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Б.И., кој управувал возило со кичевски регистарски ознаки.

– При запирање на возилото, тој се обидел да побегне, но бил спречен, а по извршен преглед на возилото биле пронајдени 39 лица мигранти (35 од Сирија и четири од Ирак). Увид бил извршен, а по наредба на јавен обвинител мигрантите биле сместени во ПТЦ „Винојуг“ во Гевгелија за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот, против Б.И. ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „криумчарење на мигранти “, се појаснува во соопштението од МВР.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/07/2020 15:10