Повторно е потпалена градската депонија во Дебар, а чадот и тешката смрдеа од раните утрински часови се протегаат по целиот град.
– До 20:00 часот синоќа немаше ништо, пожарот го забележавме денеска во утринските часови. Во гаснењето се вклученија Територијалната противпожарна единица и вработените во Јавното комунално претпријатие „Стандрад“ со сопствена механизација. Вклучени се и неколку фирми со багери,како и со камиони кои вршат дотур на земја, изјави за МИА Омер Цами, раководител на секорот за комунална хигиена во „Стандард“.
На самото место пристигна и градоначалникот Хекуран Дука, кој не го криеше нездоволството кон несовесните граѓани.
– До сега сме имале вакви случаи на потпалување на депонијата, но овој е до сега најголем по обем. Не можам да ги сватам оние кои не му посакуваат добро на градот и на неговите жители. Со максимални напори пожарот е ставен под контрола, вели револтирано Дука.
Во меѓувреме продолжува уредувањето на депонијата која се наоѓа на излезот од Дебар, на патот кој води кон бањскиот локалитет Бањиште и граничниот премин „Блато“.
По поставувањето на светилки и безбедносни камери, во тек е оградувањето со бетонска ограда со рампа, која ќе биде на влезот, додека другиот дел од депонијата ќе биде ограден со челична жица.
На овој начин, вели Дука, ќе се воспостави контрола врз градската депонија, ќе се минимизираат честите проблеми, како што се палење на отпадот, депонирање отпад без критериуми во и надвор од депонијата.
Поголем пожар беше предизвикан и ноќта спроти 24 мај кога градот се гушеше во смрдеа и чад.
Во истрагата за денешниот случај ќе бидат користени снимките од безбедносните камери.