Загина 17-годишен мотоциклист од село Зрновци во несреќа утрово на регионалниот пат Кочани-Зрновци.

Портпаролот на СВР-Штип Гордана Панајотова информира дека несреќата се случила утринава во 03.41 часот, кога и било пријавено дека на регионалниот пат Кочани – Зрновци, во близина на место викано „Дива топола“, се случила сообраќајна незгода во која мотоцикл „кимко“, со кочански регистарски ознаки, управуван од 17-годишниот В.А. од село Зрновци излетал од коловозот. По незгодата В.А. бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош, каде им подлегнал на повредите.

За незгодата запознаен е Јавен обвинител и извршен е увид на местото од страна на увидна екипа.

Инаку, полицијата пред еден ден имаше акциска контрола во сите општини во источниот регион.

Панајотова вели дека од извршената контрола откриени се вкупно 40 прекршоци од кои, шестмина управувале без возачка дозвола, пет биле со измината важност на регистрацијата, два случаја се со измината важност на осигурителната полиса, 22 за неносење кацига и пет останати прекршоци. За сите прекршоци сторени од страна на возачите на мотоцикли изречени се соодветни санкции.

–Апелираме до сите возачи на мотоцикли да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот, да внимаваат на правилата за ограничување на брзината и да користат кациги и останата заштитна опрема, вели Панајотова.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2020 22:32