Четврта година по ред, Италија не соопшти какво оружје и во кои земји извезува, иако се обврза на тоа според договорот од 2013 година, кој едногласно беше усвоен во Парламентот, пишува весникот „Ил Фато Котидиано“.
– Ова е единствениот случај меѓу земјите на ЕУ, Италија е најмалку транспарентна од сите земји на ЕУ, главни извознички на оружје. Веќе четири години не соопштува детали на Обединетите нации, иако се обврза на тоа според Договорот за производство и контрола на извозот на оружје и ги избегнува своите обврски со повикување на клаузула за доверливост, изјави во италијанскиот Парламент, аналитичар на организација која е постојан набљудувач на извозот на оружје (ОПАЛ) Џорџо Берета.
На прашањето од весникот до Владата зошто Италија четири години не открива детали во врска со извозот на оружје, одговорот бил дека тоа е „политичка одлука“, но сè уште е нејасно кој ја донел одлуката и зошто не е верификувана во Парламентот.
Италијанскиот Парламент еднаш годишно разгледува извештај за извоз на италијанско оружје.