Потеклото на џиновските камења сарсен во Стоунхенџ, Велика Британија, е конечно утврдено со помош на исчезнат дел, што беше вратен по 60 години.

Резултатите од испитувањето на јадрото на камениот блок, долг еден метар, се совпаднаа со наодите од геохемиското истражување на исправени мегалити.

Археолозите утврдија дека карпите доаѓаат од област 25 километри северно од Стоунхенџ, во близина на Марлборо, во јужниот дел на земјата.

Сузан Грини од организацијата „Инглиш херитиџ“, која се грижи за Стоунхенџ и останатите историски споменици и локалитети, истакна дека се многу возбудени поради откритието.

Централниот круг на Стоунхенџ се состои од сарсени високи седум метри, а тежат околу 20 тони, распоредени во форма на потковица. Надворешниот круг и оддалечените камења се исто така сарсени.

За помалите, сини камења на Стоунхенџ е утврдено дека потекнуваат од ридот Пресели во Велс, но потеклото на сарсенот досега не е утврдено.

Враќањето на јадрото, земено за време на археолошкото ископување во 1958 година, им овозможило на археолозите да го анализираат неговиот хемиски состав.

Никој не знаеше каде се наоѓа јадрото додека 89-годишниот Роберт Филипс, кој беше вклучен во овие археолошки работи, реши да го врати минатата година.

Истражувачите прво извршиле рендгенски тестови на сарсените во Стоунхенџ, што покажале дека карпите имаат сличен хемиски состав и потекнуваат од иста област.

Потоа беа анализирани површински карпи од Норфолк на исток до Девон во западниот дел на Англија и нивниот хемиски состав беше спореден со составот на вратеното јадро.

Од „ Инглиш херитиџ“ велат дека анализата на јадрото се покажала клучна, бидејќи се покажало дека неговиот состав се совпаѓа со хемискиот состав на сарсен во Вест Вудс, јужно од Марлборо.

Професорот Дејвид Неш од Универзитетот Брајтон, кој раководи со истражувањата, опишува дека било „навистина возбудливо“ да користат науката од 21 век за да се открие неолитско минато.

„Многу е возбудливо конечно да се одговори на прашањето за кое археолозите расправаат со векови“, истакна Неш.

„Важни карпи“

„Откриено е дека секој камен на површината има различен геохемиски состав, но тоа беше можност да го испитаме вратеното јадро, што ни овозможи да го одредиме потеклото на сарсенот од Стоунхенџ“.

„Можноста да се прецизира областа од која градителите земале материјал 2.500 години пред новата ера е стварно возбудливо“, истакна Сузан Грини.

Грини додава дека се сомневале дека сарсените од Стоунхенџ потекнуваат од Марлборо, но не биле сигурни, бидејќи сарсените постоеле на многу локации во Вилтшир.

„Градителите ги сакале најголемите карпи што можат да се пронајдат и имало смисла да ги користат тие што се поблизу до нив“, истакна Грини.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/08/2020 16:57