Метју Палмер, заменик помошник на државниот секретар и специјален претставник на Стејт департментот за Западен Балкан, изјави дека САД се загрижени за тековните трендови во Србија, вклучувајќи ги и последните избори, повеќедневните протести во неколку градови и најавената истрага за финансиските трансакции на новинарите, невладините организации и здруженија на граѓани, кои ги спроведува владината Управа за спречување перење пари, јави дописникот на МИА од Белград.

– Ние го забележавме извештајот на Фридом Хаус, според кој Србија назадуваше од полу-консолидирана демократија во хибриден режим. Фридом Хаус е високо ценета организација и користи докажани методи во својата работа, кажа Палмер за време на разговорите за ситуацијата на Западен Балкан, во организација на Балкан инсајдер, портал во Вашингтон кој се занимава со теми поврзани со Балканот, а по повод извештајот „Земјите во транзиција“, објавен во мај, јавува Гласот на Америка (ВоА).

Палмер оцени дека Србија одржа избори кои на јавноста не и понудиле многу можности за избор.

– Ние силно се залагавме за учество на опозицијата – но опозицијата тврдеше дека изборните услови не се доволно фер за да се случи вакво нешто. Загрижени сме што опозициските политички партии и нивните политички претставници немаат подеднакви можности да се појават во медиумите.

Ова особено се однесува на јавниот сервис-РТС. Ние би сакале да се случат промени што ќе овозможат јавноста во Србија да има можност за избор помеѓу различни опции, рече специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан.

Тој истакна дека најавената истрага на финансиските трансакции на невладините организации и новинарите нема да и помогне на Србија во прокламираниот пат за членството во ЕУ.

– Ние сме загрижени и за перцепцијата за селективната примена на законите насочени кон граѓанското општество и истражувачките новинари. Ова е нешто што може само да го отежни напредокот на Србија на европски пат. Ние силно ја поддржуваме европската иднина и перспектива на Србија и конечно, нејзиното членство во ЕУ. Но, за да се постигне таа цел – Србија треба да се квалификува за тоа – што значи спроведување на демократски реформи. Се надеваме дека Белград и српските власти нè гледаат како партнери во тоа. Секако, има уште многу работа која треба да се заврши, изјави Метју Палмер.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/08/2020 18:59