Поради нагло зголемување на бројот на новозаразени со коронавирусот во Холандија, премиерот Марк Руте апелираше до туристите да ги избегнуваат најпрометните делови на Амстердам.

Руте го прекина годишниот одмор кога дознал за извештајот на Националниот институт за здравство, во кој се вели дека 604 нови случаи на Ковид-19 се регистрирани во последните 24 часа, 175 повеќе од претходниот ден.

Градоначалничката на Амстердам, Фемке Халсема вчера нареди да се носат заштитни маски во амстердамскиот кварт „Црвени фенери“, познат по проституцијата и популарен меѓу странските туристи.

Оваа мерка е спротивна на препораката на холандската Влада дека маските не се задолжителни, освен во возила за јавен превоз.

Ставот на Владата е дека не е докажано дека маските се ефикасна заштита од коронавирусот и оти нивното носење влијае врз луѓето да не ја почитуваат поважната мерка, а тоа е физичкото растојание.

Сепак, во Амстердам и Ротердам беше решено дека мора да се носат маски, што е во согласност со јунската препорака на Светската здравствена организација дека маските се задолжителни во продавниците и прометните јавни места каде е невозможно да се држи пропишаното физичко растојание.

– Вирусот опасно напредуваше и ризикуваме да уништиме сè што постигнавме во претходните месеци. Не сакаме нова вонредна состојба, но тоа нема да го постигнеме туку така, предупреди холандскиот премиер Руте.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2020 00:26