Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро издаде декрет кој предвидува да се издвојат 356 милиони долари за набавка и производство на потенцијална вакцина против коронавирусот, што ја развиваат компанијата „АстраЗенека“ и истражувачи од универзитетот Оксфорд.

Вршителот на должноста бразилски министер за здравство, генерал Едуардо Паусело рече дека вакцината би можела да биде достапна на Бразилците до декември оваа година или јануари 2021 година.

Тој додаде дека станува збор за вакцина која најмногу ветува во светот во борбата против коронавирусот.

– Вакцината е решение да се стави крај на пандемијата, рече Паусело.

Компанијата „АстраЗенека“ се смета за фаворит во глобалната трка да се најде ефикасна вакцина против коронавирус.

Паусело рече дека Бразил првично ќе добие 100 милиони дози, што ќе овозможи вакцинирање на половина од населението на земјата, а потоа ќе започне со производство на вакцината на локално ниво.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2020 17:41