Свлечиште предизвикано од големи дождови однесе најмалку 15 животи на плантажа со чај во државата Керала во јужна Индија, а спасувачите трагаат по повеќе од 50 лица за кои се смета дека се затрупани под земја, соопштија локалните власти.

Свлечиштето во областа Идуки се случило во раните утрински часови додека работниците на плантажата спиеле. До сега се пронајдени 15 тела, а се смета дека уште 51 лице се заробени под слоеви земја.

Според локалните медиуми, екипа на Националните сили за помош при катастрофи пристигнала на самото место, но маглата спречува употреба на хеликоптери.

Еден локален полицаец изјави дека 12 лица се спасени, додека 70 се водат како исчезнати.

Меѓународната федерација на друштвата на Црвен крст и Црвената полумесечина, соопшти дека од почетокот на поплавите во јуни повеќе од 550 луѓе загинале во Индија, Бангладеш и Непал, додека повеќе од 9,6 милиони луѓе се раселени низ Јужна Азија.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2020 17:55