Во Германија стапува на сила ново правило за задолжително тестирање на коронавирус за сите патници кои се враќаат во земјата од области со ризик.
Тестовите ќе се вршат веднаш по враќањето на аеродромите или во еден од центрите за коронавирус, а можно е да се изврши тестот кај семеен лекар. Во првите 72 часа по враќањето, тестот е бесплатен.
За повратниците кои пристигнуваат по копно, тестовите се организираат во центрите близу поголемите гранични премини или железничките станици. Ова главно се однесува на сојузната држава Баварија.
Тестот е можен и во земјата од која доаѓа патникот, но не смее да биде постар од 48 часа и во тој случај трошоците за тестирање паѓаат на товар на патникот. Бесплатни тестови во рок од три дена се можни, но не и задолжителни за повратниците од не-ризични земји.
Времето на чекање за резултатот од тестот, кое по правило не трае подолго од 48 часа, мора да се потроши во карантин. Неисполнувањето на обврската за тест може да се казни со парична казна до 25.000 евра.
Германскиот епидемиолошки институт Роберт Кох наведува околу 130 земји и региони на списокот на земји во ризик, вклучувајќи ги и сите земји од Западен Балкан. Од земјите и регионите во Европската унија, Луксембург се смета за ризичен, како и неколку шпански региони, вклучувајќи ја и Каталонија.
Здружението на германски лекари (Марбургер Бунд) го поздрави воведувањето на обврската за тестирање бидејќи сегашните тестови, како што е соопштено, покажале дека повратниците од подрачја со висок ризик имаат повисоки стапки на инфекција од популацијата што останала дома.
Здружението на семејни лекари исто така го критикува фактот дека повратниците од одмори мораат да им докажат на своите лекари дека престојувале во една од областите на ризик.
Тестирањето за короната чини 50,50 евра.
Институтот „Роберт Кох“ секојдневно регистрира повеќе од 1.000 нови случаи на инфекција со коронавирус, трети ден по ред денеска.