Париз денес е празен како никогаш претходно. Кој ќе го посети сега, не мора да чека во бескрајни редици пред главните атракции. Тоа е „благослов“ за туристите, но пропаст за хотелиерите и угостителите.
Главниот град на Франција е еден од најпосетуваните градови во светот. Секое дете ја знае Ајфеловата кула… Но, поради кризата со коронавирусот, жителите на Париз го имаат својот град и знаменитостите речиси само за себе.
Пошироката околина во Париз минатата година забележа 50 милиони гости. Тоа значи милијарди евра заработка. Годинава Париз нема да ги достигне овие бројки.
Според наводите, денес повеќето туристи доаѓаат од САД, Блиски Исток и Кина. За нив важат рестриктивни мерки за влез во земјата.
– Сега може да кажеме дека половина од хотелите се затворени. Тоа се должи на отсуството на посетители од странство. Секој што поминува покрај луксузни хотели како Ле Бристол или Шангри-Ла може да го забележи ова… Хотелите се затворени како и да е до септември, изјави претседателот на Асоцијацијата на хотелиерите во Париз, Франк Делво.
Тој додаде дека само Мона Лиза и музејот Лувр се најблиску до нормалната посетеност. Но, пред влезот на катакомбите или на Ајфеловата кула, на пример, чекаат само неколку луѓе во истовреме.