Околу 3.000 луѓе се приведени за време на протестите во Белорусија отако актуелниот претседател Александар Лукашенко освои нов мандат на вчерашние избори, изјави денеска портпаролката на Министерството за внатрешни работи Олга Чемоданова.

Таа додаде дека илјада лица се приведени во Минск, а другите 2.000 во другите белоруски градови.

– За време на неодобрените протести повредени се 39 полицајци и над 50 цивили, посочи Чемоданова.

Таа потенцира дека синоќа и утрово демонстрантите се собрале во близина на гласачките места и на централните плоштади во 33 градови во Белорусија.

Претходно, локалните организации за заштита на човековите права соопштија дека најмалку едно лице загина, а десетици се повредени во синоќешните протести во повеќе белоруски градови, што почнаа по објавувањето на првичните резултати од претседателските избори, на кои шестпати по ред победи Лукашенко.

Човекот загинал откако бил прегазен од полициско комбе, додека другите демонстранти се здобиле со повреди во судирите со полицијата. Во Минск се повредени 50 луѓе, а над 120 во цела земја.

„Амнести интернешнл“ утрово на Твитер објави дека полицијата во Минск врз демонстрантите фрлила шест шок-бомби и истрелала неколку куршуми.

Изборната комисија на Белорусија денеска ги објави официјалните резултати од вчерашните претседателски избори, според кои Лукашенко освои 80,23 отсто од гласовите.

Додека главната опонентка на Лукашенко, Светлана Тихановскаја освои 9,9 проценти од гласовите, додека другите тројца кандидати освоија помалку од два отсто.

Тихановскаја, 37-годишната професорка по англиски јазик, синоќа изјави дека поголемиот број граѓани се со неа.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/08/2020 15:48