По низата дневни рекордни бројки на новозаразени со Ковид-19 во земјата и не мал број починати, албанскиот претседател Илир Мета побара што поитно да се почне со лекување на болните со крвна плазма од лица кои ја прележале болеста.

Тој истакна дека искуството во други земји таквата терапија се покажала како доста корисна.

– Со оглед на генерално позитивните информации во врска со терапијата со ковалесцентна плазма и затоа што нејзината примена се покажа како доста корисна за пациенти со Ковид -19, охрабрувам да се почне што е можно поскоро со оваа терапија, обезбедувајќи ја пред се целата апаратура што ја прават можна нејзината примена, напиша Мета на Фејсбук.

Тој при тоа додаде дека е многу значајно да се побара помош од Италија.

– Во оваа ситуација, многу е важно да се побара помош од Италија, со асистенција од тамошни специјалисти, како земја со исклучително искуство во спроведувањето на овој протокол. Ова ќе овозможи не само успешна примена и строга и научна имплементација на овој протокол, туку исто така ќе се избегне секаков вид неточности и неизвесности што можат да се верификуваат во пракса, оцени шефот на албанската држава.

Деновиве тој ја изнесе сопствената загриженост за влошената епидемиолошка состојба и побара од Владата да го зголеми буџетот за здравствениот сектори под итно да се направи се што е неопходно за третирање на заболените од коронавирус, зашто, како што рече, ништо не е поважно од животот на граѓаните.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/08/2020 14:48