Луѓето кои ќе ја примат новата руска вакцина против Ковид-19 ќе бидат имуни на новиот коронавирус до две години, соопшти руското Министерство за здравство.

– Вакцината е создадена во Центарот за истражување Гамалеја, кој работеше на пронаоѓање на вакцина користејќи испробани и проверени процедури за одгледување на вектори на аденовирус, изјави министерот за здравство Михаил Мурашков.

– Сакам да истакнам дека истражувачите од нашите научни центри уште од 1990-тите успешно експериментирале со подготовка за генетски терапии. Со понатамошно истражување формира е универзална платформа за изработка на вакцини против разни заразни болести, а на овие платформи научните истражувачи и нашите експерти веќе успеаја да создадат шест вакцини кои се со различен степен на употреба во Русија, рече рускиот министер за здравство Михаил Мурашко, наведувајќи ги како примери на вакцината против вирусот ебола и коронавирусот од типот MERS-CoV.

Рускиот претседател Валдимир Путин претходно соопшти дека Русија станала првата земја во светот со официјално атестирана вакцина против коронавирусот, по помалку од два месеци тестирање врз луѓе, „со што Москва ја покажала научната генијалност и надмоќ“.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека со руските здравствени установи преговара за атест за новата вакцина, што според претставникот на СЗО, Тарик Јашаревиќ, подразбира строга проверка на сите пропишани безбедносни процедури и ефикасност на новата вакцина.

Путин исто така соопшти дека една од неговите ќерки примила вакцина против коронавирусот.

– Една од моите ќерки ја прими вакцината. Во таа смисла, таа учествуваше во експериментот. По првото вакцинирање, таа имаше температура од 38, следниот ден малку над 37, и тоа е тоа, рече Путин на владината седница на која беше објавено дека во Русија е регистрирана првата вакцина против Ковид-19.

– По втората вакцинација, таа исто така имаше мала температура, а потоа се спушти. Се чувствува добро, додаде рускиот претседател.

Путин истакна дека многу луѓе воопшто немаат надворешни манифестации, ниту температури по вакцинацијата.

– Како ништо да не правеле, заклучи Путин.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/08/2020 15:36