Илјадници Белоруси протестираа синоќа во Минск и други градови четврта вечер по ред, поради резултатите од претседателските избори, за кои, според нив, биле украдени и против полициска репресија врз демонстрантите.
Антивладините демонстранти тврдат дека изборите во неделата биле украдени со цел белорускиот претседател Александар Лукашенко да го продолжи своето 26-годишно авторитарно владеење.
Белоруските власти ја потврдија синоќа смртта на уште еден демонстрант, кој беше уапсен на протест во неделата навечер.
Властите соопштија дека 25-годишен маж починал во болница во јужниот град Гомел. Во изјавата не се наведува кога починал, само дека неговата здравствена состојба „одеднаш се влошила“ додека бил во притвор.
Министерството за внатрешни работи на Белорусија соопшти дека полицијата употребила боева муниција на протестот во Брест кога биле нападнати.
Според официјалните резултати на претседателските избори што се одржаа во неделата, Лукашенко освои 80 проценти од гласовите, а неговиот главен противник Светлана Тихановскаја 10 проценти.
Демонстрантите излегуваат на улиците секоја вечер од неделата и бараат ново броење на гласовите.
Претходните вечери полицијата ги прекинуваше протестите со брутални интервенции – солзавец, шок-бомби, водени топови и гумени куршуми и ги удираше демонстрантите со палки.
Полициските вооружени сили исто така претепаа многу новинари и ги искршија нивните камери/фотоапарати.
Според официјални бројки, најмалку 6.000 луѓе се уапсени, а стотици повредени во изминатите три дена протести.