Кандидатката за потпретседателка на САД од демократите, сенаторката Камала Харис, го обвини претседателот Доналд Трамп за тешката ситуација со новиот коронавирус во земјата, додека неговите поддржувачи велат дека тој спасува животи.

– Тој вирус ги порази речиси сите земји, но постои причина зошто само Америка го почувствува посилно од другите развиени земји. Причината е тоа што уште од самиот почеток Трамп не го сфаќаше вирусот сериозно, изјави Харис на заедничка прес-конфереција со поранешниот потпретседател и сегашен претседателски кандидат, Џо Бајден.

Тоа беше прв нивен брифинг за новинарите во својство на демократска лидерска двојка, која ќе се бори за Овалната соба на изборите во ноември.

– Неговото одбивање да воспостави тестирање, неговата промена на ставовите во однос на физичката дистанца и носењето маски. Неговата илузорна убеденост дека тој знае подобро од експертите. Тоа е причината поради која на секои 80 секунди умира по еден Американец од Ковид-19, изјави таа.

Таа додаде дека кога другите држави се повикувале на науката, Трамп промовирал чудотворни средства кои ги видел на Фокс њуз.

-Кога другите земји ја исправаа кривата, тој говореше дека вирусот ќе помине, цитирам „магично“. И затоа кога другите земји се отворија за бизнис што направивме ние? Ние требаше повторно да се затвориме, посочи Харис.

Од Белата куќа засега не одговорија на коментарите на Харис, но реагираше Тим Мерто, шеф на изборниот штаб на Трамп. Тој изјави дека претседателот ја „спроведе земјата преку кризата од коронавирусот и го ограничи влезот од Кина, а потоа и од Европа“.

– Џо Бајден тоа го нарече ксенофобија и ширење страв. Но знаеме дека одлуката на претседателот спаси илјадници животи и дека Џо Бајден не би го направил тоа. Ако претседател беше Бајден, ние сега ќе бевме во многу потешка ситуација, изјави Мерто.

Според податоците на универзитетот Џон Хопкинс, САД се најпогодени од пандемијата во светот. Досега се забалежани над пет милиони инфицирани лица, а до синоќа починале над 165.000 луѓе.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/08/2020 01:50