Поради новиот бран на коронавирусот, напорите за борба против инфекцијата се удвоени низ целиот свет, а многу земји воведоа дополнителни ограничувања, вклучително и Велика Британија, која воведе карантин за патници од Франција и Шпанија.

По олеснувањето на мерките во почетокот на летото, многу земји сега воведуваат задолжително носење заштитна маска дури и на отворено.

Во Брисел, од средата е задолжително носење маска, додека во Париз, од денеска е проширен списокот со окрузи во француската престолнина каде што мора да се носат маски. Од денеска, Париската префектура забранува собирање на повеќе од десет лица ако не може да се гарантира физичко растојание.

Во светски рамки, повеќе од 760.000 луѓе починаа од коронавирус, додека над 21 милион луѓе се заразени.

Вирусот предизвика драматични економски последици, вклучително и рецесијата во Полска, што се случува првпат од крајот на комунизмот во таа земја.

Во последниве недели, во Европа се регистрираат поголем број заразени лица.

Во Шпанија, два дена по ред, бројот на заразени со коронавирусот е околу 3.000. Шпанските власти наредија затворање на ноќни клубови, забрана за посета на домови за стари лица и ограничувања на работното време на рестораните.

Од денеска, Велика Британија воведува 14-дневен карантин за патниците од Франција, Холандија и Малта, помалку од еден месец по олеснување на рестриктивните мерки.

Ниту ситуацијата надвор од Европа не е подобра. САД остануваат најзагрозени од епидемијата со 167.225 смртни случаи, пред Бразил (105.463), Мексико (55.223) и Индија (48.040).



Автор: Администратор
Објавено на: 15/08/2020 16:32