Повеќе од 600 инциденти насочени кон здравствени работници и пациенти се пријавени во контекст на пандемијата на коронавирусот, соопшти денеска Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).

Според МКЦК, овие бројки се загрижувачки затоа што тие претставуваат само регистрирани инциденти, а бројот на вистински случаи е несомнено многу поголем.

– Кризата ги загрози здравствените работници во време кога најмногу ни се потребни, рече Макеј Полковски од МКЦК.

.Од февруари до јули, МКЦК регистрираше 611 случаи на насилство, вознемирување и стигматизација во повеќе од 40 земји. Во повеќе од 20 отсто од случаите станува збор за физички напад, во 15 проценти е дискриминација од страв, а во 15 отсто станува збор за вербални напади или закани.

Во 67 отсто од случаите, цел биле здравствени работници, во 22 проценти болните или лица за кои постои сомневање дека имаат коронавирус, а во пет проценти цел биле внатрешно раселени лица или бегалци.

– Насилството насочено кон здравствениот персонал и пациентите честопати е мотивирано од страв од инфекција и недостиг на основно знаење за Ковид-19, објасни Есперанца Мартинез од МКЦК.

Повеќето дела направени од пациенти или роднини на пациенти се мотивирани од поплаки поврзани со смрт на член на нивното семејство или страв дека некој од нив ќе умре.

МКЦК ги повикува владите да се борат со дезинформациите што придонесуваат за овие инциденти и да обезбедат здравствените работници да можат да работат безбедно.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/08/2020 22:07