Судот на ОН денеска прогласи за виновен еден член на екстремистичката организација Хезболах, а ослободи тројца обвинети за вмешаност во убиството на поранешниот премиер на Либан, Рафик Харири.

Специјалниот суд за Либан во Хаг соопшти дека Салим Ајаш е виновен како соучесник врз основа на пет обвиненија кои го поврзуваат со самоубиствениот бомбашки нападна 14 февруари 2005 година во Бејрут, при што загина Харири и уште 21 лице, а 226 беа повредени.

Судиите истакнаа дека нема докази дека раководството на Хезболах и Сирија се вмешани во нападот.

– Судот е на мислење дека Сирија и Хезболах можеби имале мотив за атентат врз поранешниот либански премиер и неговите политички сојузници, но нема докази за да го поддржат тоа, истакна судијата Дејвид Ре, читајќи делови од пресудата.

Судот на ОН може да осуди само поединци, но не и организации и држави.

Харири беше најистакнат либански сунитски политичар, додеа Хезболах е шиитска организација. Се претпоставува дека пресудата може да ги зголеми тензиите во Либан.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/08/2020 22:14