Кантонот Сант Гал во Швајцарија предвидува парична казна за родителите, ако нивните деца мораат во карантин на почетокот на учебната година наместо на училиште по патување во ризична земја поради коронавирусот, јави дописникот на МИА.

Казната за ненавременото враќање во Швајцарија, поточно во кантонот Сант Гал, кој единствено воведе ваква мерка, ќе изнесува 1000 швајцарски франци, што сигурно ќе наведе многумина да се вратат веднаш во нивната земја. Меѓу ризичните земји на швајцарската листа се наоѓа и Северна Македонија.

-Нашиот кантонален закон им дава можност на училиштата парично да ги казнуваат родителите, ако не ги почитуваат училишните обврски на нивните деца. Нашата цел беше да се послужиме со оваа алатка на превентивен начин, подвлекува Стефан Коликер државен советник задолжен за јавното образование.

Според првите бројки, училиштата регистрирале само 70 случаи на карантин од над 46 000 ученици кои се вратија во училишните клупи минатата недела. Засега никој нема добиено казна. Училиштата ги привилегираа предупредувањата со оглед на краткото време кое им беше оставено на родителите за да го реорганизираат летниот одмор.

Но со есенските одмори нештата можат да се променат.

-Овој пат, семејствата кои ќе патуваат во ризичните земји без да го антиципираат времето за изолација по нивното враќање ќе го направат тоа знаејќи ги последиците. Ако карантинот го спречи нивното дете да оди на училиште, родителите ќе бидат целосно свесни за можните последици, вели Франциска Гшвенд, од правната служба на кантонот Сент Гал.

Во Швајцарија, исклучок е практиката на Сент Гал. На другиот крај на земјата, Женева е една од единствените кантони што ќе им издаде неоправдани отсуства на учениците сместени во карантин на почетокот на учебната година, штом тие го имаа потребното време да го предвидат нивното враќање од земја изложена на ризик и ја извршуваат својата изолација за време на распустот. Другите кантони претпочитаат да дадат оправдани отсуства за да обезбедат усогласеност со здравствените мерки.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/08/2020 23:13