Поранешниот американски претседател Барак Обама остро го искритикува неговиот наследник, републиканецот Доналд Трамп, оценувајќи го за несоодветен за функцијата шеф на државата, и ги повика гласачите да го изберат неговиот партиски колега Џо Бајден, со цел, како што кажа, да се обезбеди опстанокот на американската демократија.

На третата вечер од Националната конвенција на демократите, Обама кажа дека Трамп не покажа интерес кон функцијата претседател да се однесува како кон било што, освен уште како уште едно „реално шоу што може да го искористи за да го привлече вниманието по кое копнее“.

Тој, исто така, кажа дека Трамп не покажуваше интерес за ангажирање во работата, за постигнување договори, ниту за користење на овластувањата за да помогне некому, освен на самиот себе и на неговите пријатели, пренесуваат британските медиуми.

Обама во својот говор заклучи дека Трамп не е дораснат за оваа работа.

-Последиците од тој неуспех се сериозни, оцени Обама и го обвини Трамп за фактот дека 170. 000 Американци умреа од коронавирусот, како и за загубата на милиони работни места во рецесијата што следи.

Поранешниот американски претседател, кој се уште е многу популарен меѓу демократските гласачи, ја искористи можноста да го поддржи Бајден, кој беше негов заменик во два мандати.

-За осум години Џо секогаш беше последниот во собата кога ќе се соочев со некоја голема одлука. Тој ме направи подобар претседател и тој има карактер и искуство да не направи подобра земја, рече Обама во говорот, што беше пренесуван од Музејот на американската револуција, во Филаделфија.

Поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден (77), официјално беше номиниран за претседателски кандидат во вторникот, на вториот ден од Демократската национална конвенција.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/08/2020 15:07