Русија синоќа побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за Иран, откако го отфрли барањето на САД повторно да и се воведат санкции на оваа земја, што беа суспендирани врз основа на нуклеарниот договор од 2015 година.

Москва бара да се одржи јавна виртуелна сесија „во врска со денешниот развој на ситуацијата“, се наведува во писмото на руската мисија во ОН, пренесуваат британските медиуми.

САД вчера и официјално побараа од ОН да воведат нови санкции за Иран, што Москва ги отфрли, но и сојузниците на Вашингон, Велика Британија, Германија и Франција.

Шефот на американската дипломатија, Мајк Помпео, веднаш ги обвини Париз, Лондон и Берлин дека избрале „да се усогласат со иранските ајатоласи“, место да го почитуваат нивниот сојуз со САД, што има за цел да воведе меѓународни санкции за Иран за кршење на нуклеарниот договор во 2015 година.

-Моите пријатели во Германија, Франција и Велика Британија приватно ми кажаа дека не сакаат да се крене ембаргото за оружје врз Иран. Но, сепак, избраа да се усогласат со ајатоласите, гласајќи против резолуцијата на САД за продолжување на санкциите, рече Помпео во ОН, во Њујорк.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/08/2020 10:47