Главниот ривал на белорускиот претседател Александар Лукашенко на неодамнешните претседателски избори во земјата, Светлана Тијановска денеска ги повика работниците да продолжат и да го прошират штрајкот.

Во најновото видео, снимено во Литванија, каде се наоѓа откако пребега од земјата, таа на работниците од фабриката „Трактор“ и на другите компании им порача да го продолжат штрајкот, наведувајќи дека иднината на децата зависи од нивното единство и посветеност, пренесува Тасс.

-Ве повикувам да продолжите и да го проширите штрајкот. Не плашете се, обединете се, вели таа, додавајќи дека штрајкот е легален и ефикасен метод за борба.

Како една од целите на штрајкот, таа ја повтори потребата да се стави крај на насилството, ослободување на политички затвореници и организирање транспарентни и слободни избори.

На претседателските избори што се одржаа во Белорусија на 9 август, Лукашенко победи со околу 80 проценти од гласовите, додека Тијановска, која освои 10 отсто од гласовите, еден ден по изборите побегна во Литванија, наводно поради опасност по животот.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/08/2020 11:23