Три жени членки на австриската Влада неодамна беа изложени на закани на Интернет, по што добија и лично обезбедување.
Прво, смртни закани и беа дадени на министерката за правда Алма Задиќ, потоа закани доби и министерката за интеграција Сузана Раб, за сега во иста ситуација да се најде и миснистерката за одбрана Клаудија Танер.
Министерката Танер беше изложена на навредливи, сексуални напади од Австриец, кој и се закани со смрт. Осомничениот беше пронајден, а министерката доби зголемена безбедност, како лична, така и во нејзиниот дом.
Заканите и беа изречени откако Танер на својот ѕид на Фејсбук постави објава од парламентот. Само неколку минути подоцна, еден 35-годишен Австриец и напишал серија коментари полни со омраза, со јасни смртни закани. Воената разузнавачка служба и Федералната служба за борба против тероризам веднаш се вклучиле во пронаоѓањето на лицето кое се заканувало и набрзо утврдиле за кого станува збор. Против него, наводно, е поднесена кривична пријава.