Навредливи пароли се испишани на Спомен центарот во Орадур-сур-Глан, маченичко село од Втората светска војна, а настанот го осуди францускиот премиер, Жан Кастекс, јави дописникот на МИА.
Кастекс на Твитер напиша дека „се презема се сторителите на овие гнасни дејствија да одговараат пред правдата“.
„Слушнав за сквернавењето на Спомен центарот во Орадур-сур-Глан. Со валкањето ова место за почит, исто така, се валка споменот на нашите маченици,“ додава тој.
Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин, исто така, во твит напиша за „негативните натписи“ и за „плукање врз споменот на мачениците“.
На фотографијата поставена од регионалниот весник „Ле Популер ди центр“, се гледа како зборот „маченик“ е пречкртан со боја и сина церада која ги покрива натписите. Според весникот, додаден е зборот „лажливец “, а има и повик за ревизионистички и теории што редовно се појавуваат во врска со маченичкото село во Горна Виена“.
Јавното обвинителството во Лимож, отвори истрага за овој случај.
На 10 јуни 1944 година, дивизијата СС Дас Рајх уби 642 селани во Орадур-сур Глан. Германците ги ставиле мажите во селските плевни и ги стрелале. Потоа ги собрале жените и децата во црквата пред да ги запалат. Спомен центарот е отворен во 1996 година и на посетителите им ги објаснува урнатините на маченичкото село и ја одржува меморијата на жртвите. Околу 300.000 лица секоја година го посетуваат меморијалниот центар.