Новата најава за директни странски инвестиции од 5 милијарди евра што ја даде премиерот Зоран Заев не е за верување, ако се знае дека беа најавувани ИКЕА, Гугл, Фејсбук, а ниедна не влезе - коментира универзитетскиот професор Дарко Лазаров. И други економски аналитичари повеќе пати посочуваа на погрешните стратегии на старо-новата влада. За лошите резултати говорат и бројките, односно во текот на вториот квартал од 2020 година вкупните директни инвестиции бележат одлив од 9.3 милиони евра.
- Овие резултати што се загрижувачки за нас во делот на директни странски инвестиции, се повеќе резултат на погрешните економски политики на старо-новата влада отколку резултат на економската криза. Потврда за тоа е фактот што изминатите три години странските директни инвестиции беа резултат на реинвестирана добивка на странските компании кои практично егзистираат односно ги имаат отворени своите први погони во периодот пред 2017 година, вели за Алфа универзитетскиот професор Дарко Лазаров.
Според професорот загрижува фактот што освен селењето на капиталот, нема нови директни странски инвестиции. -Еден дел од постоечките странски компании во Македонија го селат својот капитал од тука, но она што е уште позагрижувачки е тоа дека истовремено нема нови инвестиции односно инвеститори во земјата. Доаѓање на ИКЕА и некои големи корпорации не можевме да ги видиме во Македонија затоа што политиките да оваа влада се тотално погрешни, додава Лазаров.