Според извештајот на Глобалниот иновациски индекс за 2020 година, Република Македонија се искачи за две места погоре во однос на минатата година, односно за 27 места во однос на 2018 на листата земји што вложуваат во иновации и иновациска структура, што резултира со економски напредок.

Глобалниот извештај рангира 130 држави во светот во однос на иновативните перформанси по 80 различни параметри.

Македонија е на 57 место, што претставува значителен напредок и се должи на вложувањата во микро, мали и средни претпријатија од страна на Владата и Фондот за иновации и технолошки развој во изминатите три години.

Во однос на препораките се наведува дека земјата треба да вложи повеќе во образование, подобрување на образовниот систем, како и зголемување на соработката помеѓу бизнис секторот и академската заедница, што е оценета на многу ниско ниво. Дополнително, извештајот посочува на потребата од поголеми вложувања во човечки ресурси и истражувања, во кои се очекува зголемен ангажман на Владата, а за кои ФИТР веќе развива посебни инструменти и програми за поддршка.

Оваа година Македонија има голем напредок и во однос на зголемен степен на инвестиции во иновации од страна на домашните институции каде е рангирана на 46-то место што е за шест места повисоко од минатата година, а особено во споредба со 2018 кога беше на 71-во место. Во однос на постигнатите резултати од иновациите, земјата го задржа 63-то место, како и во 2019 година, односно 30 места повисоко од рангирањето во 2018.

Споредбено со другите економии во Европа, од групата 37 земји со средно-високи примања, државата оваа година има натпросечни оцени во четири од седум столбови на Глобалниот иновациски индекс, што се однесуваат на институции, инфраструктура, знаење и технолошки резултати и софистицираност на пазарот, што според извештајот се должи на подобрена бизнис клима и зголемено ниво на достапност на финансиски средства од државата за поддршка на домашната економија.

Во однос на останатите европски економии опфатени во студијата, Македонија има натпросечни резултати во делот на софистицираност на пазарот, каде е на 17-то место, што е значителен скок од минатогодишното 28 место. Овој индикатор покажува дека е остварен сериозен напредок во поглед на пристап кон финансиски средства и едноставен начин на заштита на малцинските инвеститори.

Во извештајот државата е рангирана на 13то место меѓу 37-те економии со средно-високо ниво на приходи во кои спаѓаат и земји како Русија, Кина, Бугарија, Малезија, Тајланд и Србија. Над очекувањата се и перформансите на иновациите и поврзаноста со БДП по глава на жител, споредено со нивото на развој на земјата.

Напедок во однос на минатата година има кај индикаторите за квалитет ISO9001 (ранг:22) и високо и средно-високи технолошки производи (21), а значаен успех има и во однос на еколошка оддржливост (17), бизнис климата (30) и заштита на интелектуална сопственост (23).

Според анализата на ГИИ, Швајцарија и оваа година е на прво место, а меѓу првите пет држави се и Шведска, САД, Велика Британија и Холандија, додека последно место се државите Гвинеја и Јемен.

Извештајот на Глобалниот иновациски индекс на иновации се објавува 13 години по ред од страна на Светската организација за интелектуална сопственост во партнерство со бизнис школата Инсед и Универзитетот Корнел од САД.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2020 13:40