Над 100 европарламентарци бараат санкции против одговорните за нападите врз опозициските претставници и новинарите во Русија, имајќи го предвид и последниот со труењето на политичарот Алексеј Навални, јави ДПА.

Во отворено писмо до шефот на ЕУ дипломатијата Joзеп Борел, што е објавено денеска, претставниците на различните политички групи во Европскиот парламент повикуваат на „целосна и транспарентна истрага за случајот Навални“.

Тие наведуваат за серија напади врз критичари на руската Влада, набројувајќи ги новинарката Ана Политковскаја, која беше застрелана во нејзината станбена зграда во Москва во 2006 година и поранешниот двоен агент Сергеј Скрипаљ, кој беше речиси смртно затруен со агенсот „Новичок“ во Англија во 2018 година, додава германската агенција.

Во моментов Навални е во кома во болницата „Шерите“ во Берлин. Германските власти велат дека токсиколошките тестови несомнено докажале дека Навални бил отруен со воениот нервен агенс „Новичок“, развиен од Советскиот Сојуз.

Кремљ, меѓутоа, негира каква било вина во случајот.

Борел синоќа ја нагласи можноста од преземање натамошни чекори на ЕУ како одговор на труењето на Навални. Истакнувајќи дека употребата на хемиско оружје е „целосно неприфатливо под никакви околности“, тој отворено и се закани на Русија со санкции, додаде ДПА.

Советот на НАТО, пак, за денеска закажа итен состанок на кој ќе се разговара за аферата.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2020 15:24