Папата Франциск следниот месец, првпат од почетокот на пандемијата на коронавирус, ќе ја напушти италијанската престолнина, се вели во соопштението на Ватикан, цитирано од Си-Ен-Ен.

Папата ќе отпатува во италијанскиот град Асизи на 3 октомври за да потпише нова енциклика – писмо традиционално адресирано од плоштадот „Свети Петар“ до повеќе од милијарда католици низ целиот свет. Енцикликата е меѓу најавторитетните документи на црквата.

Оваа енциклика, со наслов „Сите браќа“, ќе се занимава со братство и социјално пријателство. Папата планира да се врати во Ватикан по литургијата и потпишувањето на енцикликата.

„Поради здравствената состојба, Светиот Отец сака посетата да се одржи приватно, без учество на верниците“, соопшти Ватикан.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/09/2020 12:45