Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас предупреди дека доколку од Москва нема поддршка во истрагата за труењето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, Берлин би можел да биде принуден да ја преиспита судбината на германско-рускиот проект за изградба на гасоводот „Северен поток 2“.
„Се надевам дека Русите нема да не принудат да ја смениме позицијата во врска со гасоводот „Северен поток 2“, што се гради под Балтичко Море“, изјави Мас за германскиот неделник „Билд ам Зонтаг“.
Мас додаде дека Германија ќе мора да одржи консултации со своите партнери доколку во следните неколку дена нема руски придонес во истрагата во врска со „случајот Навални“.
Тој не ја исклучи можноста за воведување санкции против Русија, но призна дека прекинот на речиси завршената изградба на гасоводот „Северен поток 2“ ќе им наштети на компании од Германија и други европски земји.