Ситуацијата во Сирија е релативно мирна и оваа тенденција треба да се консолидира, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по разговорите со сирискиот претседател Башар ал Асад.
– Денеска имавме долг разговор со сирискиот претседател Башар ал Асад. Детално разговаравме за ситуацијата на теренот. Се согласивме дека ситуацијата во Сирија сега е релативно мирна и дека оваа тенденција треба да се консолидира, рече Лавров на прес-конференција во Дамаск. пренесува ТАСС.
Шефот на руската дипломатија истакна дека некои „странски играчи“ не се заинтересирани за стабилизирање на ситуацијата во Сирија и бараат да се охрабрат сепаратистичките тенденции во таа земја.
– За таа цел, тие користат еднострани нелегитимни мерки за економско задушување на земјата, рече тој.
– Денеска јасно и недвосмислено ја повторивме нашата посветеност кон сирискиот суверенитет, територијалниот интегритет и политичката независност, рече Лавров.
Сирискиот министер за надворешни работи Валид Муалем по средбата со Лавров и рускиот вицепремиер Јуриј Борисов истакна дека Русија и Сирија се согласиле да продолжат со спроведување на економски проекти.