Тестовите за коронавирусот се толку чувствителни што можат да откријат траги од неактивни вируси на инфекција која поминала пред неколку недели, што може да резултира со лажно позитивни резултати кои ги зголемуваат размерите на пандемијата, покажа истражување на британски научници од Оксфорд.

Научниците од универзитетот велат дека повеќето луѓе се заразни само седум дена, но оти тестовите можат да покажат позитивен резултат со недели после тоа, што значи дека бројот на заразени во моментов може да биде помал отколку што се смета.

Еден од авторите на студијата, професорот Карл Хенеган, смета дека тестовите за Ковид-19, наместо „позитивен/негативен“ резултат, треба да имаат праг што нема да покаже позитивен резултат доколку вирусот е присутен во многу мала количина.

Тој смета дека остатоците од делови на неактивни вируси можат делумно да објаснат зошто бројот на заразени лица во Велика Британија во моментов се зголемува, додека бројот на пациенти во болниците стагнира.

Центарот за применета медицина на Универзитетот во Оксфорд ги испита наодите од 25 студии кои анализирале дали примероците од вирусот ќе се развијат во Петриев сад во лабораторија.

Овој метод на „одгледување на вирусот“ во лабораторијата може да покаже дали со позитивен резултат од тестот ќе се открие активен вирус, оној што може да се размножува и шири, или само фрагменти од вирусот кои не можат да се размножуваат ниту во човечкото тело ниту во лабораторија.

Овој проблем е познат уште од почетокот на пандемијата и уште еднаш укажува на степенот до кој податоците за Ковид-19 се далеку од совршени.

ПЦР тестот со земање брис е стандарден дијагностички метод во кој се користат хемикалии кои го зголемуваат генетскиот материјал на вирусот за да може понатаму да се изучува.

Примерокот поминува низ неколку „циклуси“ во лабораторија пред да се добие доволна количина вирус за тестирање.

Бројот на циклуси може да биде начин да се открие колку вируси всушност лицето носи во себе, односно дали се мали остатоци или не.

Кај тестовите што треба да поминат низ неколку циклуси помала е веројатноста дека вирусот ќе се репродуцира кога се одгледува во лабораторија.

Кога се спроведува тест за коронавирус, се добива одговор „позитивен/негативен“. Нема индикација за тоа колку вируси има во примерокот и до кој степен е активен.

И лицето кое има голема количина на вирусот во себе и оние на кои им останале само фрагменти од вирусот од инфекција што веќе поминала, ќе го добијат истиот – позитивен резултат.

Професорот Хенехан, кој забележа грешка во начинот на кој се евидентираат смртните случаи, што го наведе англискиот Институт за јавно здравје да го подобри системот, вели дека доказите сугерираат оти „заразноста на коронавирусот се чини дека опаѓа по околу седум дена“.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/09/2020 11:45