По повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, писмо со честитка до претседателот Пендаровски испрати неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер, во која посочува дека оваа година земјава заслужено се радувала на приемот во НАТО и на одлуката за започнување пристапни преговори со ЕУ.
Тој во честитката потенцира и дека е многу важно државата да остане ангажирана и да продолжи со спроведување на реформите во клучните области.
– Оваа година вашата земја можеше да се радува не само на приемот во НАТО, туку и на одлуката на Европскиот совет за започнување на пристапни преговори со ЕУ. Со историскиот договор за прашањето за името со Грција и важните реформи, Македонија значително придонесе за тоа. Уште позначајно останува ангажираното продолжување на реформите во централните области: владеење на правото, доброто владеење, како и одржување на добрососедските односи, пишува во честитката Франк-Валтер Штајнмајер.
Германија, додава претседател на Германија, и понатаму ќе ја поддржува вашата земја во приближувањето кон Европската Унија како и при совладувањето на последиците од пандемијата од КОВИД-19, како искрен и доверлив партнер.