Здравствената состојба на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални се подобри по наводното труење со нервниот агенс „Новичок“ и тој сега може повторно да зборува, пишува денеска германскиот весник „Шпигел“.

Весникот наведува дека е засилена полициската заштита на Навални, бидејќи се очекува тој да има повеќе посетители сега кога неговата состојба е подобрена.

Според „Шпигел“, Навални повторно може да зборува, а најверојатно може да се сети и на тоа како му се слошило.

„Неговите изјави може да бидат опасни за луѓето кои стојат зад нападот“, предупредува „Шпигел“.

Навални, кој е во болница во Берлин, беше префрлен со авион во Германија откако минатиот месец му се слоши за време на авионски лет во Русија.

Германија тврди дека тој бил отруен со нервниот агенс „Новичок“ и дека целта била негово убиство, додека Русија наведува дека нема докази дека Навални бил отруен.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/09/2020 17:25