Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) ги категоризира земјите на ЕУ во групи со „стабилни“ или „загрижувачки“ трендови кога станува збор за проценка на ризик за Ковид-19.

Групите беа дефинирани врз основа на бројот на новозаразени, особено кај оние постари од 65 години и стапката на смртност во последните две недели.

Во групата земји со стабилен тренд во моментов спаѓаат Кипар, Финска, Германија, Грција, Исланд, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Полска и Шведска.

Во овие земји се проценува дека севкупната веројатност за инфекција е мала, а поради нискиот процент на случаи кај постарите лица и сегашниот низок процент на тешки случаи и ниските стапки на смртност, влијанието на болеста врз целото население се проценува на ниско.

Групата земји со „повеќе загрижувачки трендови“ ги вклучува сите други земји на ЕУ и Велика Британија.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести наведува дека во овие земји, поради големиот обем на пренесување на вирусот, нефармацевтските интервенции не биле ефикасни и дека вкупната веројатност за инфекција е многу голема.

Земјите со „загрижувачки трендови“ исто така се поделени во две подгрупи, оние со „умерен“ и „висок ризик“ за целото население.

Умерен ризик е утврден за оние земји каде се пријавуваат високи и зголемени стапки на новоинфицирани поради високи стапки на тестирање, а инфекцијата се јавува првенствено кај млади луѓе, со мал дел тешки случаи.

Оваа подгрупа ги вклучува Австрија, Белгија, Данска, Естонија, Франција, Ирска, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија, Словачка, Словенија и Велика Британија.

ЕЦДЦ предупредува дека неодамнешните податоци сугерираат дека епидемиолошката состојба се влошува во повеќето земји, кои се повеќе се во загрижувачката група.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2020 14:53