Бодрум градот сместен на истоимениот полуостров во југозападниот дел на Турција на брегот на Егејското Море, во провинцијата Мугла, е вистински туристички бисер со долга историја и традиција.
Елегантен, луксузен и модерен со бројните прекрасни плажи, бистро море и мека клима, тој е турскиот Сент Тропе. Посакувана дестинација за турската елита, но и за светскиот џет сет. Близу неговиот брег со три марини, често може да се забележат јахти на светски познати личности и тајкуни, а во неговите води допловуваат и големите прекуокенаски крузери. Градот нуди бројни културни содржини со галериите и колонии и одишува со боемска атмосфера. Но препознатлив е и по забавите и ноќниот живот со мноштво ресторани барови, дискотеки, кој трае до раните утрински часови.
Едно од најпосетуваните туристички летувалишта во околината на градот е Ѓумбет сметено на 2,5 километри западно од центарот на Бодрум. Со големиот број туристрички капацитети местото е најпосетувано од туристи од Европа и особено од Британија.
Сепак, поради пандемијата со коронависусот и Бодрум годинава бележи помала посетеност. Турција е една од ретките држави која дозволува влез без ПЦР-тестови и воедно промовира безбеден туризам со низа мерки кои на странските посетители и туристи треба да им обезбедат најдобра можна превенција. Станува збор за сертифицирана програма која е подготвена од турското Министерство за култура и туризам во соработка со други министерства, а која се однесува на сместувањето, храната и пијалоците и транспортниот систем. Програмата вклучува основни правила во однос на хигиената и социјалната дистанца за сите фази од патувањето со низа дефинирани мерки кои треба да обезбедат максимално здрава и безбедна околина за посетителите.
Сертификат за „безбеден туризам“ е задолжителен и мора да го имаат сите хотели со 50+ соби, а листата на овие хотели е објавена и може да се најде на веб страниците на Министерството за култура и туризам и на Агенцијата за промоција и развој на туризмот (tga.gov.tr). Со оваа програма за безбеден туризам, странските гости на нивно барање можат да добијат тестирање за Ковид-19 во самите сместувачки капацитети (за хотели со 50+ соби). За таа цел хотелите се обврзани да обезбедат здравствени работници кои тоа ќе го спроведат или да имаат договор со здравствена установа која ќе може да го изврши тестирањето. Многу осигурителни компании не нудат покривање на трошоците во случај на заразување со Ковид – 19, па на странските туристи кои доаѓаат на летување во Турција им се нуди и пакет од три вида осигување, кое ги покрива трошоците за лекување во случај да заболат.
Согласно овие препораки и мерки секаде во Турција во летувалиштата, во шопинг центрите, маркетите, при посета на музеи, галерии или каков било затворен простор маските се задолжителни, а на влезот се мери и температурата. Странските посетители се уредно информирани дека казната за неносење маска е 900 лири (нешто над 100 евра), а маски за една употреба се составен дел во основните хигиенски пакети во секој хотел . Прецизно се утврдени и протоколите и за гости и за персоналот во хотелите во случај на заболен или на контакт со заболен од коронавирусот.
Мурат Ерсој, оперативен менаџер во хотел – ресортот „Дужа“ близу Бодрум, лоциран на брегот на половина час возење од адеродромот Милас – Бодрум, во разговор за МИА вели дека летната сезона им започнува во април, а завршува во октомври, но, годинава заради пандемијата започнале со работа во јуни и во моментов 70 отсто од капацитетот им е пополнет со туристи главно од Русија и од источноевропските земји.
-Помош од државата добиваме за плати за вработените, за да нема отпуштања, но не и за компанијата, вели Ерсој.
Бодрум – точка во која се испреплетуваат андолиската и античката грчка цивилизација
Бодрум е град и со долга историска традиција и богато археолошко наследство. Античкото име на градот е Халикарнас, а уште Хомер го опишал како „рајот на вечната сина земја. Тој е местото каде се испреплетуваат анадолиската и античката грчка цивилизација, Според митовите ова е земја на боговите и божиците, а археолошките пронајдоци од различни цивилизации потврдуваат дека историјата на регионот се протега во период од дури пет милениуми.
Тој е родниот град на Херодот – таткото на историјата, а најголемиот процут во античкиот период го имал за време на владеењето на Карија и кралот Мавзол во 4. в. пне. За време на својот живот Мавзол започнал да ја гради својата гробница со монуметални димензии и убавина. Тој починал, а гробницата три години по неговата смрт ја довршила неговата сопруга и сестра Артемисија. Наликувала на храм изграден на камена основа со 36 столбови во јонски стил. , Покривот бил во форма на пирамида со 24 скалила , а на самиот врв биле поставени мермерни статуи на Мавсол и Артемисија во кочија влечена од четири коњи. Оваа величествена градба (од каде потекнува и името мавзолеи за надгробните градби) важи за едно од седумте светски чува од античкиот пероид. Денес од неа се останати само темелите, а дел од зачуваните релјефи и статуи можат да се видат во музејската зграда на самиот локалитет каде е прикажана и макета на мавзолејот. Поголемиот број артефакти се однесени во музеј во Британија, ни појаснува нашиот водич Тајлон Ташпаши, кој не придружуваше на секоја од трите дестинации од патувањето за новинари во Турција..
Гробница со слични димензии. но со помала височина од таа на Мавзол во Халикарнас може да се види и во градот Милас лоциран 20 километри северно од брегот. Била откриена под дива населба. При иселувањето на населбата било утврдено дека гробницата била ограбена. Во античкиот период Милас бил престолнина на кариското кралство за време на династијата Хекатомнос, Според археолошкте истражувања кои се уште се во тек, се смета дека гробницата почнал да ја гради Мавзол, но подоцна се предомислил и во неа бил закопан неговиот татко, а за себе ја изгради гробницата во Халикарнас, кој го направил кралска престолнина.
Друга градба која потекнува од владението на Мавсол и треба да се посети е античкиот театар со седишта за 13.000 посетители, како и градските ѕидини во должина од седум километри, кои го обиколувале Халикарнас. Во градот можело да се влезе низ две порти – источна и западна. Во 4 век п.н.е Александар Велики го освоил градот по долга опсада во која биле урнати и дел од ѕидините. А големи оштетувања предизвикал и земјотресот од 14 век. Денес во музеј на отворено може да се видат зачувани остатоци од западната порта, која се нарекувала Миндос, а која е делумно реставрирана.
Сместено на брегот до градската марина и во близина на чаршијата, се наоѓа Бодрумското кале (Бодрум калеси), кое жителите го сметаат за срцето и душата на градот. Современото име на Бодрум се поврзува токму со средновековното има на градот Петрониум и оваа тврдина. Дело е на витезите од редот на Св. Јован од Родос кои ја нарекле Свети Петар, Изградена е на мал остров кој подоцна се споил со копното, покрај капела и помеѓу два залива. Ватикан и придавал големо значење на тврдината. Нејзината градба почнала во 1402 година, а била завршена во 1437 година. Имала пет кули – англиска, француска, германска, шпанска и италијанска според земјата од која доаѓале витезите. За нејзините ѕидини биле искористени и камени блокови од разурнатата од земјотрес гробница на Мавзол.
Еден период твдината се користела како затвор. Денес во оваа одлично сочувана и реставрирана градба е сместен Музејот за подводна археологија. Отворен е 1960 година, а во него можат да се видат бројни артефакти од подводните археолошки локалитети. Највпечатлив експонат се остатоците од потонат трговски брод кој е реставриран. Овој брод е најстариот досега откриен потонат пловен објект. Превезувал прехранбени стоки во амфори и стакло. И токму овој експонат го вбројува овој музеј во осумте најдобри од овој вид во Европа.
Во тврдината вреди да се посети и изложбената поставка со предмети пронајдени во гробницата на кариската принцеза Ада. Таа го наследила тронот од Мавсол, по неговата смрт. Гробницата била откриена 1989 година во исклучително добра форма со скелетот на принцезата и предметите од погребната церемонија, вклучувајќи ја и одлично сочуваната златна круна. Со помош на современата технологија е реконструиран ликот на кариската принцеза и може да се види нејзина восочна фигура.
Тврдината вообичаено годишно ја посетуваат од 120 до 150 илјади туристи, а оваа година коронакризата го зема својот данок и бројката е намалена на околу 50.000.
Инаку, прекрасната панорама на Бодрум со поглед на типичните куќи со бели фасади, рамни кровови и прозорци оивичени во сина боја, на тврдината и марината од една страна и на туристичката населба Ѓумбет од другата страна, може да се долови од ритчето на кое се наоѓаат неколку ветерници изградени во 18. век. Ветерниците не се во функција од 1970 година и се доста оштетени од последниот земјотрес, освен една која е во приватно владение. Повеќето од артефактите и арехеолошките локалитети се наоѓаат во самиот град па нивната достапност ги прави задолжително место за посета не само за вљубениците во историјата.
За привлечноста на Мармарис
Мармарис на 2,5 часа патување со возило од Бодрум ги има сите атрибути кои му прилегаат на туристички бисер – прекрасното море, блага медитеранска клима, бројни сместувачки капацитети, две марини, а располага и со значајно културно и арехеолошко наследство од повеќе цивилизации, кои низ времето го населувале и освојвале овој простор. Сместен е на Средоземното море, во провинцијата Мугла, југозападна Турција, по должината на брегот на турската ривиера. Бил под владение на Каријците, на античките Грци, бил дел и од римското источно царство, а во 1522 година го освојува султанот Сулејман Величествениот и станува дел од Отоманското царство.
Прво место кое задолжително мора да го посети секој кој доаѓа во градот е тврдината, која се издига над стариот град веднаш до марината. Се смета дека била изградена од Јонијците, а сегашната форма ја добила за време на Османлиите, по освојувањето на градот во 1522 г.. Ја обновил султан Сулејман Величествениот, кој градот го направил база за својата морнарица Денес во неа е сместен Археолошкот музеј на Мармарис.
Посебно одушевува стариот град на Мармарис. По тешките разорувања од земјотресот од 1957 г. кој го погоди градот опстоиле само тврдината и дел од старите историски градби околу неа мал. Ова зачувано парче со автентична архитектура, тесните улички со бело варосанте куќи и мали градини обвиени во мирисот на бугенвилиите и друго езготично цвеќе го маѓепсува патникот намерник Во влезот од чаршијата блиску до тврдината може да се посети и Карвансарајот изграден од мајката на Сулејман Величествениот, Ајше Хафса Сулејман, изграден во времето кога била градена тврдината.Низ чаршијата во долните катови од куќите ќе ве пречаат бројни кафулиња, продавници со рачни изработки, накит од сребро или производи од тантела со традиционални везови