Американската компанија Круз објави дека, во соработка со својот мнозински сопственик – корпорацијата Џенерал моторс, ќе побара одобрение од надлежните институции за производство на ограничен број возила без волан и контролни педали.

Револуционерно возило на Круз, наречено Ориџин, кое беше прикажано пред јавноста во јануари, нема ни волан, ниту педали, туку само две широки седишта, свртени еден кон друг, за четворица патници. Џенерал моторс планира да почне со производство на ограничен број вакви возила кон крајот на 2021 година или почетокот на 2022 година.

Во исто време, оттаму најавија дека ќе го повлечат своето барање за изземање поднесено до Министерството за сообраќај во јануари 2018 година, коешто се однесува на пуштање во употреба на слични возила конструирани во рамките на проектот Платформа Шевролет Болт.

Потпретседателот на Круз, Роберт Грант изјави дека сообраќајната полиција во Калифорнија минатата недела дала „зелено светло“ за пробни возења во Сан Франциско без возач.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/10/2020 11:40