Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија треба да одржи средба и пред декември, со што ќе компензираат тоа што во текот на изборите го изгубија како момент и од пандемијата, информираше министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за ТВ Канал 5. Тој рече дека и претходно и сега инсистира во Комисијата да има и член Албанец бидејќи, според него, ова е заедничка битка и дека заедничкиот ангажман за ова прашање ќе не зближи многу.

-Тука е можност да се создаде блискост, но и да се остава наследство дека Албанците биле важен чинител кога се решавале некои важни прашања. Се разбира дека работам на тоа и наскоро ќе има решение и се разбира дека јас ги согледувам работите и го утврдувам моментот кога е тоа најдобро да се направи за да не се направи штета на процесот, рече Османи.

Според него Комисијата е инструментот за решавање на проблемот со Бугарија и дека тоа што ќе произлезе од неа е најодржливото решение.

-Теоретски може политичарите да најдат решение, меѓутоа колку се тие одржливи. Затоа што секогаш ќе се гледаат од политички контекст, дека биле политички решенија а не биле на научни согледувања и решенија и утре кој било може да ги спори тие решенија. И затоа сметам дека е најодржливо, најцврсти решенија ќе бидат тие што историчарите без влијание на политичарите ќе ги донесат како заклучоци, истакна Османи. Јас би сакал овие прашања веќе да се завршат, да се тргнат од агенда за да можеме да продолжиме со преговорите. Би сакал овие прашања да не бидат дел од нашиот политички дискурс. Мене затоа ми е важна првата меѓувладина конференција бидејќи така чувствувам дека е една отсечка, една бариера на балканскиот политички дискурс на разговарања на историски прашања, идентитетски прашања, граници итн. и да влеземе во еден друг модус на функционирање на општеството, а тоа е реформи, животна средина, владеење на право и сето тоа што го предвидува преговарачкиот процес, истакна Османи



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2020 02:17